Советот на Апелациониот суд Скопје информира дека укинатата првостепена пресуда за случајот „Таргет-тврдина“ е поради сторени суштествени повреди на одредбите на постапката од член 415 став 1 точка 11, став 2 и став 3 од ЗКП како и повреди на кои судот внимава по службена должност во смисла на член 427 в.в. член 375 од ЗКП, а кои повреди влијаеле и врз правилно утврдување на фактичката состојба и правилна примена на материјалното право.
-Имено, внимајќи по службена должност, советот на Апелациониот суд Скопје утврди дека постои неусогласеност меѓу изречената пресуда и она што е наведено во нејзиниот писмено изготвен примерок, односно во изворникот на пресудата нема опис на противправните дејствија за секој од обвинетите. Ова особено што писмено изработената пресуда мора во целост да одговора на изреката што е внесена во записникот и затоа објавувањето на пресудата треба да биде јасно и прецизно односно јавно објавената изрека од пресудата треба да ги содржи сите потребни елементи од член 408 од ЗКП. Ваквата суштествена повреда е од апсолутен каратер и ја прави пресудата нејасна, неразбирлива и неподобна за понатамошно испитување, соопштија од Апелација.
Се додава дека фактите кои што ги земал за утврдени првостепениот суд, а по однос на дејствијата на извршување на обвинетите, не соодветствуваат со доказите изведени на главната расправа пред првостепениот суд, по однос на наодите и мислењета на вештите лица на Јавниот обвинител и одбраната, како во делот на дејствијата по однос на следењето на комуникациите, така и по однос на вредноста на уништената опрема.
-Иако судот по службена должност внимава на роковите за застареност на кривичното гонење, со оглед на причините поради кои е донесена одлуката, не се впушти во мериторно одлучување по однос на застаресност на дел од кривичните дела, која всушност и не настапила пред овој суд. Покрај наведените, советот утврди и други процесни повреди, за што овој суд детално образложение на сите причините ќе даде во писмено изготвената одлука, со соодветни напатствија до првостепениот суд, стои во соопштението.
Апелацискиот суд во Скопје ја укина пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“ од февруари во 2021 година, а жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја оцени како беспредметна.
Случајот што беше отворен за масовното нелегално прислушување, резултира со вкупна затворска казна од 55 години од кои 12 години за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Одбраната на Мијалков се задоволни од одлуката на Апелација, но засега се воздржуваат од коментари додека не ја добијат одлуката во писмена форма за да воочат кои забелешки од изнесените жалби им се прифатени од судот.
Критики упатија премиерот Димитар Ковачевски, претседателот Стево Пендаровски, поранешниот премиер Зоран Заев и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.