Во однос на именувањето на нов директор на АНБ, избран е професионалец. Посетувал бројни обуки доминантно во САД и Канада. За наводите на опозицијата, тоа може да се провери врз основа на соодветни институции. Сметам дека опозицијата при назначување на секој функционер има напади, вака одговори премиерот Димитар Ковачевски на денешните обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ за првиот човек на АНБ, Зарко Милошевски.
Тој истакна дека бил напаѓан од опозицијата со спомнување на „мртви роднини“.
-Одговорот треба да го дадат соодветните служби, кои не се дел од Владата, додаде Ковачевски за директорот на АНБ, како одговор на новинарско прашање.
ВМРО-ДПМНЕ денеска постави неколку прашања до Милошевски.
-Зарко Милошевски е началник во единицата за борба против екстремизам во УБК во време на настаните од 27 април 2017-та година и тоа од власта не го негираат. Ако бил, зошто Милошевски не беше обвинет исто како и други лица за настаните, кои обвинителството ги класифицираше како тероризам? Дали и каква улога имал Милошевски во настаните од 27 април 2017-та година? Дали и како постапувал Зарко Милошевски во тој период?, соопштија од најголемата опозициска партија.