Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска информираше дека сигурно ќе има намалување на цената на електричната енергија за малите потрошувачи на регулираниот пазар и дека се прават напори да нема драстично зголемување на цената за домаќинствата.
-Намалување на цената за малите потрошувачи ќе има заради тоа што веќе се стабилизираат цените за електрична енергија и за природен гас на светските берзи. Тоа дозволува ние да можеме да интервенираме за да бидат поконкурентни нашите микро и мали компании не само на нашиот пазар, туку и во регионот и пошироко, рече Бектеши во одговор на прашање пред почетокот на одбележувањето на јубилејот „90 години Занаетчиска комора Скопје“.
Тој очекува кон средината на јануари да ги добијат и средствата од ЕУ со кои ќе може директно да им се помогне микро и малите компании.
-Во делот на домаќинствата, граѓаните кои трошат помалку ќе плаќаат помалку, а оние кои трошат непотребно и имаат простор да трошат, ќе плаќаат повеќе и такви ќе бидат и цените, прецизира Бектеши.