Измената на Уставот ни го отвора патот за влез во Европската Унија. Затоа, ова е момент на меѓународно легитимирање на нацијата на нашите сограѓани Македонци. Во спротивно, да не се остава простор за сомнежи и толкувања зошто не е прифатено бугарското малцинство во уставните измени, истакна претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети на денешниот традиционален новогодишен коктел.
– Со оспорувањето и отворањето на овие дилеми, се разбира, овој пат станува покомплициран и потежок. Затоа, колку побргу се реши и ова прашање, толку побрзо и подобро е за државата и за нашата заедничка перспектива и иднина, истакна Ахмети.
Според него, целата политизација на ова прашање во Бугарија нам ни изгледа неразумна и претерана.
– Нам ни се чини дека работите треба да се постават рационално и разумно. Тоа го кажувам со најголема искреност оти ДУИ, но и сите албански политички партии никогаш не работеле на штета на своите македонски сограѓани. Ова е историски момент. Навистина ние имаме одвоени јазици и традиции, но ја имаме Македонија заедничка. Мораме сите да се трудиме да работиме за иднината на генерациите, бидејќи иднината сака обединување, иднината сака унифицирање околу прашања поврзани со интегритетот на државата, со суверенитетот, со сигурна иднина на генерациите, рече Ахмети.
Тој нагласи дела иднината значи посветување на работата и искрено работење за да имаме вистински ветинг и владеење на правото.
– Владеењето на правото е неопходност што мора да стане функционално и оваа одговорност не е само на ДУИ, туку на сите политички партии, граѓански здруженија, медиуми. Без владеење на правото, не можеме да направиме никаков чекор кон зачленувањето на државата во ЕУ, додаде Ахмети.
Лидерот на ДУИ потенцира дека има нерешени проблеми и има уште незавршена работа во регионот, посочувајќи дека мора да се затвори нашето прашање со Бугарија, како и да се решат нерешените проблеми, како што е оној меѓу Косово и Србија.
– Не треба да се плашиме оти иднината ни е во Европа. Не треба да се плашиме од уставните измени кои не очекуваат. Не треба да има страв во проекциите кои се прават во инфраструктурата. Нема иднина и мир за регионот на Западен Балкан без затворање на отворените рани кои сè уште течат. Заемно признавање меѓу Србија и Косово. Ова е иднината на регионот на Западен Балкан. Работите треба да се гледаат рационално и да се затворат сите отворени проблеми. Западен Балкан својата иднина ја има во Европската Унија и во трајното пријателство со Америка и сите европски земји кои вложиле напори за демократија, развој и владеење на правото, додаде Ахмети.