Претседателот Стево Пендаровски вчера изјави дека правда нема да има се додека корумпираните судии и обвинители се на слобода.
„Тезата која многумина од нас ја повторуваат со години е дека нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, но правда нема да има се додека се слободни судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки кои веројатно коруптивни мотиви“, рече Пендаровски во годишниот говор во Собранието.
Посочи дека државата или ќе ги стави криминалците во затвори од затворен тип, или некои од нив ќе продолжат со украдени пари од народот да градат имиџ на чесни граѓани и да ги исмеваат останатите од безбедна дистанца.
„Во тој судир меѓу криминалците и огромен број граѓани со образ има две цели: прво, како држава да покажеме конкретни резултати, не само апсења за јавноста, туку да имаме долгогодишни затворски казни и враќање на украдените пари и второ: да се почитува презумпцијата на невиност што значи дека не ги осудуваме луѓето јавно пред да бидат осудени од надлежниот суд“, рече претседателот.
„Сите наши напори, сепак, паѓаат во вода доколку надлежните правосудни органи се договараат со личности за кои целата јавност знае дека обезбедиле пари од народот за нивните неродени деца и внуци“, потенцира Пендаровски.