МПЦ-ОА преку кабинетот на Архиепископот г.г. Стефан го демантира поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Андонов кој тврди дека под негово менторство се одвивал процесот на признавање на МПЦ-ОА. Од таму велат дека ставовите на Андонов се тенденциозни, крајно опасни и поттикнуваат омраза против Бигорскиот манастир, кој има значајна улога во процесот на решавање на децениското црковно прашање.
-Во повеќе наврати, при своите гостувања во медиумите, г. Оливер Андонов изнесува разни информации за текот на преговорите меѓу Српската и Македонската Православна Црква во однос на нашето црковно прашање, потенцирајќи ја својата наводна улога во целиот процес. Сакаме во целост да ги демантираме овие наводи за неговата целосна вклученост во процесот, сметајќи ја за пренагласена и непостоечка решавачката улога што самиот ја истакнува за себе. Целиот процес, и со Вселенската Патријаршија и со Српската Православна Црква, беше воден од претставници на нашата Света Црква, стои во демантот на МПЦ-ОА.
– МПЦ-ОА повеќе од 70 години го води дијалогот со сестринските православни цркви за нејзиниот статус, неотстапувајќи од ставот за автокефалност и за легитимност врз правото за наследност на Охридската Архиепископија, како Црква на македонскиот и на сите народи кои живеат на овие простори. Затоа го сметаме за непотребно земањето право на г. Андонов да дели „совети”, да повикува на „храброст” и да констатира „немање храброст” и учество во „двојни игри” на епископите и на свештенослужителите за она што е нивно сигурно убедување и своевиден завет, се истакнува во демантот.
Се согласуваме единствено со неговиот констатација, се вели во демантот, изнесена од позиција на лаик, дека „во Македонија постои навика постојано да се потпираме на лаици, на луѓе кои си земаат за право да коментираат нешто за што немаат никакви познавања, со што омаловажуваат, осудуваат луѓе или пласираат погрешни информации“.
– Ги чувствуваме за особено опасни, со голема доза на тенденциозност, но и како суптилно повикување на омраза, со можност за несакани последици, изјавите со кои споменатото лице, при своето неодамнешно гостување на онлајн емисијата „Тешки муабети” на порталот „Инфомакс”, повикува на некакво „конечно заведување ред и поредок во Бигорскиот манастир”. Манастирите се најдобрите и најголемите репрезенти на МПЦ пред сеправославната полнота, нивниот подвиг и придонес во градењето на духовната Црква во Македонија е очигледен и видлив, а нивниот придонес во процесот на решавање на нашето црковно прашање беше и е од особено значење, потенцира Кабинетот на архиепископот.
Андонов пред два дена тврдеше дека под негово менторство се одвивал процесот на признавање на МПЦ-ОА. Тој исто така директно го обвинил Бигорскиот манастир, дека работел против интересите на црквата, воедно повикувајќи на јавен линч.
Истовремено Кабинетот на Архиепископот го демантира Андонов и во поглед на неговите ставови за заминувањето на поранешниот шеф на кабинет отец Бобан Митевски, посочувајчи дека нема никакви други причини, освен личната одлука на Отец Бобан.