БЕСА ги условува уставните измени: „Власта ќе оди на предвремени избори оти ќе има добар рејтинг и албанската опозиција ќе биде задоволна“

од Nikola Popovski
411 прегледи

Лидерот на БЕСА и градоначалник на општина Тетово, Биљал Касами вчера најави дека ќе побара предвремени парламентарни избори во замена за поддршка за уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Доколку не дојде до такво нешто, Касами истакна дека ќе преземе порадикални чекори. „Ако за власта приоритет е промената на Уставот и внесување на Бугарите како народ во него, тогаш мора да се направи компромис за предвремени избори“, рече претседателот на БЕСА.

Во меѓувреме се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ. Нивниот потпретседател Тимчо Муцунски не исклучува и окрупнување на опозицискиот фронт и поддршка за БЕСА за најавените протести како притисок врз Владата. „Ќе поддржиме окрупнување на опозицискиот фронт, без разлика дали е Беса или друг политички субјект со кој веруваме дека можеме да ја движиме Македонија во правилна насока врз основа на политики а не на интереси како Владата на ДУИ, поддржана од СДСМ“, кажа Муцунски.

Даут Даути

Во разговор за „Локално“, во однос на најавите на БЕСА, дел од експертската јавност вели дека во политиката се е можно и нелогичното да се прикаже како логично, ако се сака да се постигне некоја цел. Според политичкиот аналитичар Даут Даути, нелогично е да се поврзат предвремените избори со поддршка на уставните измени.

-За уставните измени е битна содржината и нивната цел(евроинтеграциите), и со нив можете да се сложите или да не ги поддржите. Целта за предвремени избори може да се тера надвор од оваа агенда, независно како би се гласале уставните измени, ни истакнува соговорникот.

За Даути, ВМРО-ДПМНЕ си има право да го користи секоја слабост, секој „теснец“ или потреба за „припомош“ во кој се наоѓа власта, особено ако ве „охрабруваат“ анкети и гледате дека во ваква ситуација би можеле да се вратите на власт. Сепак, не гледа која е логиката движењето Беса да условува со нови избори?“.

-Беса, ако треба да условува, тогаш најлесно и најцелисходно е тоа да го прави со барањето за бришење на нелогичната категорија и одамна надмината  „20 отсто“ за албанскиот јазик. Со тоа би покажала дека пред се се грижи за интересите на својот народ и гласачи, а не да биде приврзок на уште една македонска партија само заради политички опстанок, како што претходно беше на СДСМ, а не за програмски цели, рече Даути.

Аналитичарот за формулацијата „20%“ смета дека македонските партии треба да бидат фер кон своите изјави и тоа да се симне од дневно политички говори по разни прилики кога треба да им се додворуваат на албанските партии.

-Тој проблем не е воопшто сериозен, бидејќи намерата на пишувачите на Рамковниот договор во 2001 година беше да се фаворизира албанскиот јазик, а да не биде по некоја инерција обврска и за другите јазици. Инаку, за јавноста треба да се потсети дека во последниот устав од времето на СРМ,  оној од 1974 година, немало „процентуална“ категоризација на правата, туку албанскиот па дури и турскиот, биле службени. Така што, ако се пријде искрено, за ниедна македонска партија не би требало да биде проблем да се тргне „20 процентот“, освен секако за Левица, која си има сосема поинаква јасна идеолошка платформа или ориентација, која е посебна приказна, потенцира Даути.

Берат Азизи

Од друга страна аналитичарот Берат Азизи за „Локално“ вели дека целосно стои изјавата на Касами.

-Оваа е затоа што секогаш кога власта прави уставни промени без разлика каков резултат ќе добие , политички и морално е земјата да оди на предвремени избори. Јас мислам уставните промени треба да се реализират и да се опфатат и барањата на опозицијата бидејќи да не дојде до ситуација секоја година да го отвараме Уставот. Ако оваа се реализира, мислам дека самата власт ќе оди на предвремени избори бидејќи ќе има добар рејтинг и одеднаш и албанската опозиција ќе биде задоволна. Во спротивно ако промените одат само на бугарското барање тогаш опозицијата ќе притисне да оди на предвремени парламентарни избори. Значи земја е на пат позиција и се ќе зависи од тоа какви уставни промени ќе имаме и дали ќе обезбеди 80 гласа во игра тука е меѓународниот фактор кој сигурно ќе притисне до политичките актери, објаснува Азизи.

Додава дека во спротивно ако промените одат само на бугарското барање тогаш опозицијата ќе притисне да оди на предвремени парламентарни избори.

-Значи земјата е на пат позиција и се ќе зависи од тоа какви уставни промени ќе имаме и дали ќе обезбеди 80 гласа во игра тука е меѓународниот фактор кој сигурно ќе притисне до политичките актери, истакнува соговорникот.

За можната соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА, Азизи вели дека е рано да се коментира бидејќи се ќе зависи каков епилог ќе имаат промените на Уставот и за тоа има време.

-Прво очекувам на маса да се најде барањето за бришење на формулацијата „20%“ во замена за уставните измени за влез на Бугарите во преамбулата и овој предлог е најреален. Ако оваа нема да помине тогаш албанските парти односно БЕСА ќе организира протести кои најверојатно ќе се подржуваат и од другите политички партии, оценува аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини