Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека вчерашната забрана за влез на Косово на патријархот на СПЦ Порфирије најдобро зборува за оние кои ја организираа, нагласувајќи дека тоа е само делумно режимот во Приштина, а делумно и меѓународната заедница, пренесе „Танјуг“.
Вучиќ, по средбата со патријархот на СПЦ во Патријаршијата, рече дека за време на синоќешниот разговор, но и на денешниот разговор, го информирал патријархот за целокупната ситуација од различни агли – политички, но и безбедносни.
„Вчерашната забрана за влез на Косово од страна на приштинските власти на Патријархот на Српската црква и негово спречување да оди во нашето светилиште, ми се чини дека најдобро зборува за оние кои ја организираа, а тоа е само делумно режимот во Приштина, бидејќи доволно беше само да ги погледнеме соопштенијата на оние кои цел ден не уверуваа дека жестоко ќе реагираат“, рече Вучиќ.
Тој додава дека од тие соопштенија можеме да разбереме дека Србите се виновни што ја имаат СПЦ и што патријархот сакал да оди на свето место.
„Тоа е еден од најголемите срамови што можат да си го дозволат, не е наш, тоа е нивен срам“, рече Вучиќ и додаде дека што и да прават, ниту патријархот, ниту СПЦ не можат да ги украдат од душата, од срцето на српскиот народ.
„Но, тој настан е важен за да се види каков е односот на оние кои одлучуваат, пред се од западот, кон нашиот народ и нашата земја“, рече српскиот претседател.