Извозот на руски гас во Европа на најниско ниво во постсоветскиот период

од Vladimir Zorba
201 прегледи

Извозот на руски гас преку гасовод во Европа падна во 2022 година на најниско ниво во постсоветскиот период бидејќи најголемиот купувач го намали увозот поради конфликтот во Украина и бидејќи главниот гасовод беше оштетен во експлозии, покажуваат податоците на „Газпром“ и пресметките на Ројтерс.

Главниот извршен директор на компанијата, Алексеј Милер, изјави дека извозот надвор од територијата на поранешниот Советски Сојуз оваа година ќе достигне 100,9 милијарди кубни метри гас, објави компанијата.

Британската агенција забележува дека во оваа сума е вклучен и извозот во Кина преку гасоводот „Моќта на Сибир“, преку кој Газпром минатата година испорача 10,39 милијарди кубни метри гас.

Тоа е пад за повеќе од 45 отсто во однос на 185,1 милијарди кубни метри гас извезени во 2021 година и еден од најниските од распадот на советската држава во 1991 година, според Ројтерс.

Претходното најниско ниво на извоз во постсоветскиот период на Газпром, кое компанијата го дефинира како продажба на гас во странство, беше во 1995 година и изнесуваше 117,4 милијарди кубни метри, според податоците на „Газпром Експорт“.

Рускиот директен извоз на гас во Германија беше прекинат во септември по експлозиите на гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море. Шведските и данските иследници заклучија дека четирите истекувања на Северен тек 1 и 2 биле предизвикани од експлозии, но не кажаа кој би можел да биде одговорен. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, несреќата ја нарече саботажа.

Извозот на руски гас преку гасоводот Северен тек 1 изнесуваше рекордни 59,2 милијарди кубни метри во 2021 година.

Во меѓувреме, Русија ја зголемува продажбата на течен природен гас (ЛНГ) од морето, главно благодарение на фабриката Јамал ЛНГ на Арктикот, управувана од Новатек. Според Ростат, руското производство на ЛНГ се зголемило за речиси 10 отсто во периодот јануари-ноември на 29,7 милиони тони.

Русија успеа да го компензира помалиот извоз на гас во Европа преку зголемените цени на енергијата, при што нејзините буџетски приходи од нафта и гас скокнаа за повеќе од една третина во периодот јануари-октомври 2022 година.

Газпром објави и дека неговото производство на гас во 2022 година се проценува на 412,6 милијарди кубни метри. Една година претходно, производството достигна 13-годишен максимум од 514,8 милијарди кубни метри гас.

Слични содржини