Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски синоќа побара од пратениците во Собранието да покажат одговорност и да го поддржат пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија.
Тој ги повика сите 120 пратеници партиските интереси да ги остават настрана, бидејќи иднината на граѓаните е подеднаква обврска на сите политички партии во Собранието. Премиерот Ковачевски истакна дека на државата, а не на Владата, и треба 2/3 мнозинство за да може да го заврши што побрзо евроинтегративниот процес.
„На Владата и треба 61 пратеник за да биде Влада, на било која Влада во државата. Двотретинско мнозинство и треба на Северна Македонија за да може побрзо да го заврши патот на интеграција во полноправно членство во ЕУ. Тоа двотретинско мнозинство нема да биде последната одлука во пристапувањето кон ЕУ. Ние зборувавме за реформи коишто треба да бидат направени, тие реформи и тоа пристапување во ЕУ не е процес на еден човек, не е процес на една партија, тоа е процес на целата држава. Не 80, не 90, не 100, 110, 120 пратеника во Собранието имаат обврска да носат одлуки коишто ќе обезбедат подобра иднина за сегашните и за идните генерации”, вели премиерот Ковачевски во интервјуто за МРТ.
Ковачевски истакна дека времето покажа како свесно се создавала паника во јавноста, кога во Собранието се носеа заклучоците на европскиот предлог предложен од Француското претседателство.
Претседателот на Владата порача дека не може да има напредок на државата со ширење на внатрешни тензии, со ширење на недоверба со соседите.
„Што сè се има случувано помеѓу земјите членки на ЕУ, помеѓу Франција и Германија на пример, што се има случувано во Првата светска војна. Но, тие држави денес заедно се лидери во ЕУ, носат одлуки за унапредување на животниот стандард на нивните граѓани. Уставните измени и сите одлуки коишто понатаму ќе следат до полноправно членство се обврска на сите политички партии. Тоа е над партиски интерес за граѓаните, а не за политичките партии. Политичките партии имаат многу други теми на коишто можат дневно политички да се натпреваруваат, од политика на даноци, социјални политики, инвестициски политики… Но, ова прашање е прашање за иднината на граѓаните, бидејќи македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ, ама тие сакаат да живеат во ЕУ тука во својата држава, а не да живеат во ЕУ како до сега во туѓина, во други земји, и тоа е тоа што сите пратеници треба да им го овозможат на граѓаните”, истакна претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.