Во пресрет на 2023 година, преовладува песимизмот, се чини дека економскиот просперитет исчезнува, а стравувањата од употреба на нуклеарно оружје се на невидено ниво. Иако традиционално преовладува личната среќа, како целина во светот таа е пониска од претходно.
Ова се дел од наодите во истражувањето на меѓународната асоцијација „Галуп интернешенел“ за крајот на годината што традиционално се спроведува последните децении.
Во Македонија, 80 проценти од анкетираните очекуваат 2023 да биде полоша или иста како претходната година. Над половина (57 проценти) очекуваат година на економски потешкотии но, на личен план речиси половината се изјасниле дека се чувствуваат среќно.
Ова се некои од наодите од истражувањето на Меѓународната асоцијација Галуп интернешенел за крајот на годината –традиционална анкета во последните децении. Новата 2023 пристигнува со прилично песимистички очекувања.
Во Македонија на прашањето: “Што се однесува до Вас, дали сметате дека 2023 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2022 година?”, 14% од анкетираните граѓани се изјасниле дека ќе биде подобра, 44% рекле дека ќе биде полоша, 36% дека ќе биде иста како 2022, а 6% не знаеле/немале одговор.
Очекувањата за економијата, се посочува, исто така, покажуваат постојан раст на загриженоста. Сега 21% од луѓето очекуваат економски просперитет за нивната земја во годината што доаѓа, речиси половина (48%) се подготвени за економски тешкотии и четвртина сметаат дека 2023 година ќе биде иста како 2022 година. Останатите не можат да проценат.
Во Македонија анкетираните граѓани на прашањето: “Општо земено, дали вие лично се чувствувате многу среќно, среќно, ниту среќно ниту несреќно, несреќно или многу несреќно во животот?”, 5% рекле дека се многу среќни, 44% се среќни, 38% ниту се среќни ниту несреќни, 9% се несреќни, 4% се многу несреќни.
Сепак, се појави нова и тешка сенка, која дојде со војната во 2022 година. На крајот на 2022 година, 38% од луѓето ширум светот гледаат висок ризик од употреба на нуклеарно оружје во денешно време. Други 38% мислат дека постои умерен ризик, а само 14% не гледаат ризик од употреба на нуклеарно оружје во скоро време.
Истражувањето “Крајот на годината” (End of Year Survey) на Галуп Интернејшенел е традиција од 1977 година и се спроведува секоја година. Оваа година се спроведе во 34 земји во светот во текот на октомври-декември 2022 година при што биле интервјуирани вкупно 35.664 лица. Во земјава БРИМА го спроведе истражувањето со теренска анкета (TAPI), лице в лице, во домот на испитаникот, на национално репрезентативен примерок со 1206 испитаници на возраст над 15 години, во период од 1 до19 декември.