Џафери со новогодишна честитка до граѓаните: „Бидете среќни, бидете задоволни од себе пред сѐ“

од Stefanija Kuzmanovska

Да се фокусираме на тоа што не обединува, а тоа е напредокот на Република Северна Македонија на евроинтеграцискиот пат, порачува претседателот на Парламентот Талат Џафери во честитка упатена до граѓаните по повод новогодишните празници.

„Подобриот стандард за живот и работа за нашите граѓани. Подобро и поквалитетно образование за нашите млади, за иднината на државата. Сите заедно, без оглед на сите вештачки поделби, ако сме единствени околу тоа што не обединува, а тоа е Република Северна Македонија да биде дом на нашата младина, земја со европски стандарди и вредности, тогаш мораме да си веруваме, да се почитуваме, меѓу нас внатре и надвор со нашите соседи“, вели Џафери во честитката.

На прагот на Новата 2023 година, се посочува во честитката, мора да ги занемариме разликите кои прават вештачка поделба меѓу нас како што е етничката, верската, партиската припадност и разликите во однос на маргинализираните групи кои имаат двојно повеќе тешкотии во остварувањето на своите права и обврски.

Џафери им ги честита новогодишните празници на граѓаните, посакувајќи им да ги поминат во душевен мир, семеен спокој и благосостојба, со желба за добро здравје, личен и колективен успех во работата.

„Ви посакувам добро здравје, за вас, за вашите најблиски! Личен и колективен успех во работата! Бидете среќни, бидете задоволни од себе пред сѐ! Поминете ги празниците во душевен мир, семеен спокој и благосостојба. Нека ви бидат домовите топли а мислите благородни! Нека Новата година биде среќна и бериќетна за Република Северна Македонија“, наведе спикерот Џафери во честитката упатена до граѓаните по повод новогодишните празници.

Слични содржини