Во екот на новогодишна еуфорија, туристичкиот сектор и натаму се труди барем минимално да го исполни својот огромен дефицит, предизвикан од корона-кризата и кризата во која се наоѓаме, па во овој период активно се вклучени со аранжмани поврзани за празниците кои следуваат.
Како што е познато, туристичките агенции во изминативе 2 години претрпеа и се бореа со голема загуба, беа принудени да ги откажуваат закажаните патувања на граѓаните и да изготвуваат нови ваучери за откажаното патување.
Побаравме одговор од туристичките агенции за тоа колку се намалени аранжманите и каде најмногу бараат граѓаните да патуваат.
Сопственикот на туристичката агенција „Скаут“, Боге Спасеновски, за „Локално“ вели дека интересот за зимските програми споредено со истиот период пред коронавирусот или воопшто за какво било патување, е „сведен на минимум“.
– Во моментов не би можеле да кажеме колку процентуално се намалени аранжманите за зимувањата, бидејќи сега почнува побарувачката на зимските аранжмани односно сме на почетокот на зимската сезона. Можеме само да кажеме дека е намален интересот за зимските програми споредено со истиот период пред ковид-кризата. А точно колку процентуално ќе биде намалена продажбата тоа ќе можеме да го кажеме на крај од сезоната, но, како што кажав, има осетно намален интерес. Во моментов најбарана дестинација за зимската сезона е Копаоник, со осетно намалена побарувачка се зимските центри во Бугарија, Банско и Боровец, а потоа следи Златибор, изјави Спасеновски.
Спасеновски вели дека најскапи се полуксузните хотели во Копаоник и Банско, но цената се зголемува за зимските центри во Австрија, Словенија и Италија.
На прашањето дали периодов, за празниците и Нова година има заинтересираност од граѓаните за патувања на егзотичните места, како Малдиви, Мексико, Куба и слично, Спасеновски посочи дека во овој период немаат добиено ниту едно барање за тие егзотични места и луксузни дестинации што не било случај пред корона-кризата.
пасеновски сепак потврдува дека сега состојбата е многу подобра него ли за време на коронавирусот.
-Всушност агенциите беа највеќе погодени бидејќи протоколите и мерките а секако и стравот од вирусот не ни дозволија да работиме. Мислам дека полека во поглед на патувањата се стабилизира состојбата, но треба време, потенцираше сопственикот на туристичката агенција „Скаут“.
Резултатите беа поразувачки и катастрофални за македонските туристички агенции во изминативе години.
Во 2020 година во споредба со 2019 година падот на промет во некои туристички агенции беше над 90 отсто додека во тековната 2021 година беше уште полошо или поточно, воопшто и немаше промет, односно 100 отсто пад на работењето.
Р.Т.