Ковачевски: Ги ставивме во функција сите производствени капацитети на електрична енергија – домашното производство е најевтино и затоа го зголемуваме

од Vladimir Zorba
137 прегледи

Зад нас оставaме исклучително тешка година на енергетски план, a пред нас e година исполнета со нови предизвици. АД ЕСМ во 2022 година се соочи со предизвикот да менаџира две големи кризи – кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија, вели во новогодишно обраќање генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Како компанија, нагласува тој, можеме да кажеме дека успешно ја извршивме и ја вршиме нашата мисија во ова тешко време – обезбедуваме електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството, без, како што подвлекува, ниту еден ден рестрикции.

– Во 2022 година имаме зголемено производство за 27 проценти во споредба со претходната година. Планот за 2023 година е да се зголеми производството на електрична енергија за околу 20 проценти споредено со лани. Успеваме да ги ставиме во функција сите домашни производствени капацитети на електрична енергија, а со тоа се намалува зазвисноста од набавка на скапа струја. Домашното производство е најевтино и затоа го зголемуваме. Дополнително, во време на криза значително ги намалуваме трошоците за производство и непродуктивните трошоци. Така, успеваме да ја задржиме пониска цената на електричната енергија за граѓаните и малите бизниси, појаснува директорот на АД ЕСМ.

Според него, изминатиот период компанијата покажала дека со добро менаџирање може да обезбедат доволно количини на јаглен, мазут и природен гас.

– Имаме стабилни договори за набавка на енергенси, како и за останатите потреби за процесот на производство. Во време на енергетска криза, одговоривме на сите задолженија од страна на Владата. За граѓаните и малите бизниси обезбедивме 100 проценти електрична енергија, а со поевтина енергија ги снабдуваме и болници, училишта, водостопански претпријатија, прехранбени капацитети, како и поголем дел од виталните институции во државата, истакнува Ковачевски.

Осврнувајќи се на топлинската енергија за Градот Скопје, Ковачевски оценува дека АД ЕСМ успешно се справува со обезбедувањето на потребните ресурси и испораката на топлинска енергија.

Покрај тековната криза, посочува Ковачевски, паралелно се реализираат и инвестициите во обновливи извори на енергија. Потсетува дека е ставена во функција првата државна фотонапонска електрана во Осломеј, а се градат уште две со приватни партнери од странство. Во тек се подготовки за нови фотонапонски електрани во РЕК Битола, Тиквеш, Маврово и други локации.

– Се зголемува и капацитетот на Ветерниот парк во Богданци, а се подготвува и нов ветерен парк во Миравци. Во тек е третата фаза за ревитализација на хидропотенцијалот, а се очекува и успешна постапка за стратешки важната хидроелектрана Чебрен. Енергетската транзиција е во тек и засилено ќе ја продолжиме. Мора да се грижиме за нашето здравје, за здрава и чиста животна средина, подвлекува директорот на АД ЕСМ.

Тој им се заблагодарува на сите вработени во рудниците, термоелектраните, хидроелектраните, службите и менаџерскиот тим на АД ЕСМ, Владата, и на сите оние, како што вели, кои помогнале со својот влог и дополнителен ангажман да гсе надминат сите предизвици што ги донесе кризата.

– За новогодишните и божиќните празници, на сите што не поддржуваа и тие што не критикуваа, тие што ни помагаа и тие што ни одмагаа, им посакувам добро празнично расположение. Празнувајте енергетски одговорно, штедете ја електричната енергија, истакнува директорот на АД ЕСМ во новогодишното обраќање.

Слични содржини