Европската унија го намали увозот на руска нафта за 90% пред крајот на 2022 година, со што „радикално ја намали“ енергетската зависност од Русија, изјави за „Укринформ“ шефот на европската делегација во Украина, Мати Маасикас, пренесува „Index.hr“.
Тој додал дека овој потег ја лиши Москва од „приходи“, пишува „Киев Индипендент“.
Според Маасикас, Русија може да ја продава својата нафта на други пазари, но приходите од таквата продажба се ограничени бидејќи Русија е принудена да направи значителен попуст на секој барел.
– Руската нафта се продава за околу 30 долари помалку од светскиот просек – изјавил Маасикас во интервју за украинскиот медиум.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно потпиша указ со кој се забранува извоз на нафта и нафтени деривати во земјите кои се придржуваат до западните ограничувања за цените на руската сурова нафта.
Бидејќи ЕУ, Обединетото Кралство и САД веќе го забранија увозот на руска сурова нафта, ограничувањето на цената главно се однесува на другите земји кои сè уште купуваат руска нафта.