Шефот на разузнавачката служба на украинското Министерство за одбрана Кирил Буданов во интервју за „ABC News“ зборуваше за актуелниот развој на ситуацијата и војната во Украина и се осврна на нападите врз руската база Енгелс како и за здравствената состојба на Владимир Путин.
На новинарско прашање дали Украина е одговорна за нападот на базата Енгелс во Русија, Буданов рече дека во оваа фаза од војната не може да одговори на тоа прашање.
„Не можам да одговорам на тоа прашање. Дури по завршувањето на војната. Ми беше драго што го видов тој напад. Тоа е мојата реакција. Мислам дека ќе има повеќе напади. Сè подлабоко и подлабоко во руската територија“, порача Буданов.
Тој исто така нагласил дека нападите би можеле да се однесуваат и на Крим, особено ако се земе предвид фактот дека Крим е дел од Украина и дека, соодветно, Украина може да употреби какво било оружје во таа област.
Потоа Буданов одговорил и на прашањето за здравствената состојба на рускиот претседател Владимир Путин.
„Да, тој е болен, во терминална фаза. Мислам дека ќе умре многу брзо. Се надевам дека е така. Мислиме дека станува за рак. Тоа го знаеме од извори блиски до Кремљ, односно самиот Владимир Путин“, рекол Буданов.
Меѓу другото, Буданов нагласил дека во случај на смрт на Путин ќе има пренесување на власта, но дека војната во Украина треба да се прекине пред смртта на рускиот претседател.