Остри критики за австриската полиција: „Големи грешки во случајот со терористот Фејзулаи“

од Stefanija Kuzmanovska
252 прегледи

Австрискиот омбудсман го критикуваше министерството за внатрешни работи на Австрија за пропусти во врска со терористичкиот напад во Виена на 2 ноември 2020 година.

Во посебен извештај, според весникот „Стандард“, Народниот правобранител констатира дека министерството спровело нецелосна истрага, дека имало правни грешки и други пропусти.

Народниот правобранител во извештајот препорачува министерот за внатрешни работи Герхард Карнер „дисциплински и законски да ги расветли“ сите пропусти на разузнавачката служба.

Посебно се критикува однесувањето на членовите на Виенската служба за заштита на конституционализмот и борбата против тероризмот (ЛВТ).

Во извештајот се наведува дека имало повеќе информации за опасноста од подоцнежниот терорист Кујтим Фејзулаи, Австриец, по потекло од Македонија, од албанска националност.

Во терористички напад, пукајќи по случаен избор кон сите минувачи во центарот на Виена, Фејзулаи уби четири лица, а повреди повеќе од 20 лица, пред полицијата да го убие.

Народниот правобранител е на мислење дека членовите на ЛВТ требало да го известат Државното обвинителство за добиените информации за да се постапи со Фајзулај.

Припадниците на ЛВТ добиле информации од странската служба дека Фејзулаи се обидел да купи оружје во Словачка, а имало проценка дека станува збор за исламски екстремист кој не бил дерадикализиран за време на притворот по обидот да се приклучи на Исламската држава.

Народниот правобранител го критикува министерството дека одбива да соработува, да ја достави бараната документација и да одговори на прашањата.

Слични содржини