Даравелски побарал повторување на судењето

од Nikola Popovski
240 прегледи

До Основниот кривичен суд Скопје, доставено е барање за повторување на постапката на осуденото лице Драган Даравелски, од страна на неговиот бранител,  со оглед да истиот бил осуден во отсуство, информираа денеска од Основниот кривичен суд Скопје.

Се додава дека согласно барањето оформен е предмет кој е распределен пред надлежен Кривичен совет за понатамошно постапување.

-Советот, во однос на барањето, согласно Законските надлежности најпрви ќе се обрати за податоци до установата каде истиот е на издржување на казната затвор, а потоа предметот ќе го прати на  мислење до Основното јавно обвинителство. По комплетирање на списите, советот закажува седница и по донесената одлука странките и јавноста ќе бидат благовремено известени, соопштија од Кривичниот суд.

Во однос на застарувањето на извршувањето на казната, од Судот велат дека тоа го утврдува судот според местото на последно живеалиште на осуденикот, односно Основниот суд во Куманово, а во однос на застарување на кривичното гонење одлучува Основниот кривичен суд Скопје при евентуална повторена постапка.

МВР вчера околу пладне на граничниот премин „Табановце“ го приведе Даравелски, кој беше баран со меѓународна потерница.

Даравелски, во 2007 година во отсуство беше осуден на казна затвор во траење од седум години. Тој во 2016 година еднаш веќе беше уапсен во Белград, но не дојде до негова екстрадиција.

Тој се товареше дека додека бил директор, ја злоупотребил службената должност и овластување, а неговиот заменик, второобвинетиот Киро Доцевски беше обвинет за истото дело, но и за фалсификување службена исправа. Доцевски беше осуден на казна затвор во траење од четири години и 10 месеци. Според обвинението, со работењето на Даравелски и на Доцевски државата била оштетена за 2,5 милиони евра.

Слични содржини