Во изминатите пет недели, речиси 60.000 луѓе во Кина починаа од коронавирус, соопштија властите. Земјата нагло ги укина ограничувањата кои беа воведени поради инфекцијата во декември, а сега големите градови проценуваат дека меѓу 70 и 90 отсто од нивното население е заразено.
Извештаите и високиот број луѓе во мртовечниците укажуваат на висока стапка на смртност, но властите официјално забележаа неколку десетици смртни случаи од коронавирусот од саботата. Според британски „Гардијан“. разликата во бројките се должи на недостатокот на строги дефиниции за кои смртни случаи се поради Ковид-19.
Биле избројани само лицата кои починале од респираторна инсуфициенција. Светската здравствена организација (СЗО) минатата недела ја критикуваше новата дефиниција. Кинеските власти одговорија дека не е неопходно секоја смрт да се припишува на коронавирусот.
Меѓутоа, во саботата, Џиао Јахуи, шефица на Бирото за медицинска администрација, објави дека всушност имало 59.938 смртни случаи од ковид помеѓу 8 декември и 12 јануари. Во таа бројка вклучени се околу 5.500 смртни случаи од респираторна инсуфициенција, додека останатите исто така имале основни здравствени проблеми. Просечната возраст на починатите била 80 години, рекла Џиао, а 90,1 отсто биле на возраст од 65 години или постари.
Бројот на починати во сабота ги вклучува само оние кои починале во болница и веројатно е сè уште помал од реалниот број. Џиао смета дека стапката на случаи опаѓа и дека пикот поминал во повеќето области. Таа истакнала дека дневниот број на луѓе кои одат на клиниките поради висока температура и треска достигнал пик од 2,9 милиони на 23 декември и паднал за 83 отсто на 477.000 во четвртокот.
„Овие податоци покажуваат дека врвот на националната вонредна состојба помина“, информирала таа.