Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва изјави дека се работи на прибирање на информации и сознанија за можното движење на избеганиот затвореник Беким Мемети.
Спасовски во интервју за телевизија 24 не сакаше да открие детали, но рече дека се прибираат информации со цел да се дојде до сознание каде се наоѓа избеганиот затвореник.
-Сите служби работат да се добијат информации за движење на лицето, за да се обезбеди негово приведување. Не може да споделиме повеќе информации и покрај меѓународната потерница што е обврска во вакви случаи да се распише. На основа на добиени информации, се преземени мерки за заштита на одредени лица кои работеле на тој предмет за кое е осудено ова лице и низа на оперативни мерки на прибирање на податоци на други кирминалистички мерки, за дојдеме до информација каде се наоѓа лицето, рече Спасовски.
Според него, имало многу нелогичности и затоа имало истрага во однос за помош на бегството.
– Имаше многу нелогичности и затоа имаше истрага во однос за помош на бегството и изрековме мерки за претпазливост и притвори и заштита на четворица затворски полициски службеници кои сметаме дека се дел од проблемот, рече Спасовски.
Затворската полиција, како што потенцира, е полиција што нема врска со МВР и со судската полиција.
– Не треба никој заради дневно-политички цели да ги злоупотребува. МВР не може да вработува во затворска полиција зошто тоа е надвор од МВР, рече Спасовски додавајќи дека тие се под Министерството за правда.
Во однос на тоа дали поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски ќе оди за амбасадор во Париз по случајот Онишченко, Спасовски рече дека на Влада се уште не е разговарано за тоа.
Безбедносната состојба во земјава, ја оцени како мирна и стабилна и без индиции дека би можела да биде доведена во прашање.
-Во однос на безбедносната состојба сакам да кажам дека таа е мирна и стабилна и во овој момент без некакви посебни индиции дека може да биде нарушена и дека може да биде доведен во прашање мирот, стабилноста и безбедноста на државата и на граѓаните, рече Спасовски.
Прашан за дојавите за поставени експлозивни направи во училиштата, Спасовски повтори дека се работи за хибридни закани не само кај нас, туку и во регионот и во светот, потенцирајќи дека сега, за време на зимскиот распуст на учениците, нема дојави за бомби.