Не посочив ниту еден медиум и тоа може лесно да се види преку снимката која што ја има од прес-конференцијата. Но доколку некој се препознал во тоа што го кажувам и ако тоа е вистина и притоа има потреба од изнивување, тогаш го има моето извинување, рече денеска претседателот на Владата, Димитар Ковачевски запрашан дали ќе им се извини на телевизиите Алфа и Телма.
Тој потенцира дека не постои професија која што не ја почитува и цени.
-Моето појавување во јавноста никогаш однапред не било договорено со некој новинар или уредник. Никогаш не било договорено што треба да ме прашуваат новинарите. Ниту јас или некој министер сум му се јавил на некој сопственик по кој редослед да се емитуваат прилозите во вестите. Оваа транспарентност е мојот принцип на работа. Се залагаме медиумите да работат слободно и да бидат нзависни и тоа сме го покажале преку емпириски показатели, кажа Ковачевски како одговор на прашањето.
Премиерот пред два дена на истото место во Владата одговараше на прашање како ја коментира изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмет кој првично кажа дека телевизиите „Алфа“ и „Телма“ се „непријатели на Албанците“.
-Можам само да кажам мое лично мислење во однос на тоа како одредени медиуми за однесуваат. Што се однесува до мене, во државата има медиум чијашто уредувачка политика повеќе наликува на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чијашто уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација, истакна Ковачевски.