Точно е дека скринингот напредува добро. Друга важна работа е спроведувањето на реформите и тука своја улога имаат повеќе чинители, меѓутоа главната одговорност паѓа врз грбот на Владата, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, кој е во посета на Охрид заедно со други амбасадори од земји членки на ЕУ.
„Прво во однос на скринингот точно е дека напредува добро, а претставниците на властите односно стручните лица се добро подготвени и е процес што добро се одвива и продолжува понатаму тоа се добрите вести. Меѓутоа секако скринингот не е единствената работа, друга многу важна работа е спроведувањето на реформите и тука секако дека играат улога повеќе чинители задолжени за тоа, меѓутоа главната одговорност паѓа врз грбот на Владата“, рече Гир.
Реформите, како што нагласи, се набројани во препораките во Извештајот за напредокот на земјата.
„Како што знаете ЕК еднаш годишно објавува Извештај, последниот беше во октомври околу напредокот на земјата и во тој извештај се наброени голем број на реформи. И токму тие реформи се она што треба да функционира и да се спроведе. И преку спроведување токму на тие реформи земјата ќе се упати на патот кон ЕУ, но уште поважно од тоа, голем дел од прашањата за коишто граѓаните ми се обраќаат многу често ќе бидат третирани и разрешени“, наведе Гир.