Министерот за правда Никола Тупанчески во вечерашната Топ тема на ТЕЛМА осврнувајќи се на бегството на затвореникот Беким Мемети рече дека одговорност мора да има за сите инволвирани во случајот. Информираше дека се суспендирани сите кои се вклучени во настанот,одредена им е мерка притвор, распишана е меѓународна потерница за лицето кое е во бегство.,,Реакцијата е иницијална ,но тоа не значи дека тука ќе се застане. Овој кривичен настан треба допрва да се истражува.Не треба да бидете стручен експерт од областа на казненото право за да се забележи и види дека станува збор за добро организирана акција каде што има и соодветна реакција од државните органи.На вчерашната седница на Владата беше разрешен директорот на УИС и се разгледуваа сите варијанти кои би значеле одговорност по вертикална линија. Да потсетам дека пред неколку месеци, 3 или 4 месеци, беше разрешен претходниот директорот на КПД Идризово од страна на Владата.Но тоа не значи дека тука треба да се застане, едноставно треба да се открие кој се е инволвиран во целата работа”,рече Тупанчески.
Говорејќи за одговорност на други лица,министерот за правда посочи дека не е исклучено и се разгледуваат сите опции за инволвираните во инцидентот. Одговорноста би требало да биде по вертикална линија, од првиот до последниот.,,Колкава е одговорноста, тоа треба да го утврдат истражните органи. Дали некој направил ненамерно, намерно, со умисла, од небрежност, тоа треба да го докаже истрагата.Во вакви ситуации ,понекогаш и ненамерните пропусти имаат сериозен импакт.Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Ќе се покаже дали овој тип на кривична пријава ќе се прошири. Но, мора да признаеме дека се ретки случаите кога имаме ваква општествена реакција”потенцира Тупанчески.
Во однос на именувањето на Јовица Стојановиќ за в.д.директор на УИС, Тупанчески рече дека дека се работи за човек кој целиот свој живот се занимавал со оваа дејност.Директорот мора да биде одговорен човек,личност кој што ќе ја знае својата работа и кој што има сериозно професионално и животно искуство во работите кои се од оваа сфера.
Министерот за правда Никола Тупанчески соопшти дека треба да се иницираат законски измени со цел да се отстранат сите евентуални злоупотреби околу живеалиштето на осудените лица и можноста да ја издржуваат казната затвор во Струга .Можно е да се пропише , година или две да биде последното живеалиште на лицето кое е осудено.