Софија со авион ќе го евакуира претепаниот Пендиков, осуда дојде и од Радев

од Nikola Popovski
224 прегледи

Бугарската влада започна процес за евакуација на претепаниот Христијан Пендиков, кој е секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, објави „БТВ“ според извори од нивното дипломатско претставништво во Македонија.

За таа цел е испратен авион „Спартан“ кој се очекува да слета во Македонија околу 16 часот, по што жителот на Охрид ќе биде сметен во болница во Софија каде ќе му биде укажана лекарска помош.

Ова доаѓа откако шефот на бугарската држава Румен Радев изрази цврст став за она што се случило и посочил дека официјална Софија е подготвена да организира воздушна евакуација.

Радев најостро го осуди, како што вели систематското кршење на правата на Бугарите во Република Северна Македонија и влевањето омраза и повторно ќе го постави ова прашање пред европските лидери и институции.

Шефот на бугарската држава „смета дека искажаните амбиции за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија и преземените заложби за реформи и зајакнување на демократските норми во земјата се во спротивност со реалноста во која живеат македонските Бугари во Македонија“.

Дваесет и тригодишниот Христијан од синоќа е хоспитализиран во болницата во Охрид со напукнат пршлен и повеќе повреди по телото откако бил претепан во угостителски објект од страна на три лица.

Слични содржини