Американските власти најавија дека ќе ја означат руската платеничка група Вагнер како „транснационална криминална организација“, бидејќи паравоената организација до војната во Украина – каде што користи затвореници – делуваше како безмилосен инструмент на руската моќ во сенка во десетици земји, пред се во Сирија и Африка, го пренесува Радио Слободна Европа пишувањето на светските медиуми.
Соединетите Држави ќе ја означат групата Вагнер, за која се верува дека има илјадници платеници во Украина, како „транснационална криминална организација“, јавува Би-Би-Си.
Белата куќа соопшти дека оваа недела ќе воведе нови санкции за групата и нејзината мрежа за поддршка.
Новата ознака на Вагнер, како што соопшти британскиот јавен сервис, ќе ѝ овозможи на американската влада да примени пошироки санкции против паравоената група, која, меѓу другото, дејствуваше во Сирија, Либија и Централноафриканската Република.
Портпаролот за национална безбедност Џон Кирби на 20 јануари им рече на новинарите дека Вагнер е одговорен за „злосторствата и кршењето на човековите права во Украина и на други места“.
Кирби рече дека сега има околу 50.000 платеници на Вагнер во Украина, од кои околу 40.000 биле регрутирани од руските затвори.