Ситуацијата со Бугарија треба да се реши на начин што ќе мора со Брисел сериозно да се разговара и Брисел да најде формули и начини како што ја убеди Словенија во спорот со Хрватска да не ја блокира на патот кон ЕУ, тоа да го направи и во случајот со Бугарија. Ако Македонија е синоним за мир и стабилноста во овој регион сега кога имаме војна во Украина и во Европа, Македонија заслужува поинаков третман од ова мрцварење и гњавење кое на ништо не личи.
Ова го изјави поранешниот шеф на дипломатијата и претседавач на 62 Генерално собрание на ОН академик д-р Срѓан Керим, на новинарско прашање по промоцијата во Скопје на неговата нова книга „Свет без граници”.
–Јас мислам дека оваа ситуација со Бугарија треба да се реши на начин што ќе мора со Брисел сериозно да се разговара за некои работи кои во претходниот период беа гледани како, да ги наречеме преседани, но никому не направија пречка да влезе во ЕУ. Имаме пример на Словенија и Хрватска. Тие имаат далеку неспоредливо посериозен проблем територијален, и Словенија едно време сметаше дека тоа треба да биде пречка за влегување на Хрватска во ЕУ. Брисел најде формули и начини да ја убеди Словенија тоа да не биде така и да продолжи да се решава прашањето. Никаква причина не постои со оглед на референците на Македонија во претходните 20 години почнувајќи од кризата 2001 година кога во кризниот менаџмент со ЕУ не само што го решивме меѓуетничкиот конфликт на домашен план, туку добивме како прва земја од Западниот Балкан Спогодба за стабилизација и асоцијација. Не може тие работи да се игнорираат ако правиме историјат на нашите односи и гледаме денес ситуација со Бугарија. Ова со Бугарија што се чини мислам дека не служи на чест никому, ниту на ЕУ, ниту на Бугарија, ни никому, во целава оваа ситуација, вели Керим прашан како да излеземе од оваа комплицирана ситуација со Бугарија.
Тој смета дека Брисел при своите одлуки мора да го земе предвид целокупниот придонес на земјава и вложувањата во мирот и стабилноста во регионот.
-Затоа што Македонија после се што направи за ЕУ и за мирот и стабилноста во овој дел на светот, впрочем американскиот државен секретар Колин Пауел во Скопје дојде 2001 година и ги викна сите министри за надворешни работи од целата регија тука на средба која единствено имаше за цел да се зборува за мирот и стабилноста. Значи, ако Македонија е синоним за мир и стабилноста во овој регион сега кога имаме војна во Украина и во Европа Македонија заслужува поинаков третман од ова мрцварење и гњавење кое на ништо не личи, дециден е академик Керим.