Тренчевска: Унапредувањето на правата на работниците на прво место

од Stefanija Kuzmanovska
148 прегледи

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска беше дел од утринската програма на „Слободен печат“. Како тема на разговор беше нацрт верзијата на Законот за работни односи.

Тренчевска посочи дека при изработката на законот кој ги засега правата на работниците не треба да се брза. Нацрт верзијата е веќе во тек на изработка 4 години од страна на работната група која е составена од сите релевантни чинители кои се засегнати од законот. Министерката објасни дека во тек се јавните расправи кои се организираат со цел да се слушнат мислењата на сите и посочи дека ако има потреба по завршувањето на определениот број на расправи ќе се организираат уште.

„Разумност покажавме со предлогот кој е вклучен во нацрт верзијата од законот. Кога се работи во работна група мора да се има компромис. Затоа се одлучивме за договорите за работа на определено време да бидат на 2 години и да нема можност за потпишување на анекс на договор повеќе од 3 пати“, рече министерката во однос на предлогот за договорите на определено работно време.

Во делот на колективните договори министерката посочи дека во моментот предлогот е колективните договори да се склучуваат на 2 години и плус да важат уште една година, откако ќе поминат овие 3 години да не бидат повеќе од важност. Додека во однос на општиот колективен договор таа истакна дека како Влада изминатата година беа спремни да го потпишат договорот но поради ниското ниво на флексибилност од страна на Сојузот на синдикати колективниот договор не бил потпишан.

На крајот од интервјуто министерката ги објасни и измените во однос на инспекцискиот надзор.

„ Во делот на инспекцискиот надзор имаме промени, сега имаме дистинкција помеѓу наредбата и опомената. Опомената ќе се користи за многу мал дел од прекршоците односно лесни прекршувања. Додека за се останато што значи поголемо прекршување на работничките права ќе се издава наредба од страна на инспекцискиот надзор“, изјави Тренчевска.

Слични содржини