Грција нема да и испорача на Украина тенкови „Леопард 2“ од германско производство, изјави во вторник грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, тврдејќи дека Атина веќе и дала значителна воена поддршка на Киев, вклучително и оклопни транспортери. Бразил исто така ја отфрли воената помош, но во форма на гранати за тенковите Гепард.
„Нема да обезбедиме тенкови Леопард 2 од едноставна причина што тие се апсолутно неопходни за нашата одбрана“, изјави грчкиот премиер за јапонската новинска агенција Nikei Asia.
Тој додаде дека тие секогаш јасно ставале до знаење дека се подготвени да ја поддржат Украина, но не на сметка на нивните одбранбени способности.
Соединетите Американски Држави објавија на 25 јануари дека ќе испратат тенкови „Абрамс“ во Украина, додека Германија соопшти дека ќе испорача тенкови „Леопард 2“ и ќе им дозволи на сојузниците да ги испратат своите оклопни возила од германско производство.
Бразилскиот претседател Луис Игнасио Лула да Силва го отфрли барањето на Германија за испорака на гранати за противвоздушните тенкови „Гепард“ што ги користи Украина, објавија во вторник локалните медиуми.
„Бразил е земја на мирот. И затоа Бразил не сака никакво вмешување во оваа војна – ниту индиректно, рече Лула на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во Бразилија“, пренесува Билд.
На Киев итно му е потребна дополнителна муниција за тенковите „Гепард“, а Бразил наводно има до 300.000.
Претседателот на Бразил повика на брз почеток на мировните преговори меѓу Русија и Украина, наведувајќи дека е неопходно „да се формира група земји што е доволно силна и почитувана за да седне со нив на преговарачка маса“. Лула ги спомена Бразил и Кина како можни посредници во мировните преговори.
Неговата изјава за мировните преговори е во спротивност со изјавите на германскиот канцелар Шолц, кој во неколку наврати изјави дека мировните преговори би можеле да започнат само кога руските трупи ќе се повлечат од Украина.
Шолц во текот на викендот изјави дека сака да продолжи да се обидува да стави крај на војната против Украина преку директни разговори со рускиот претседател Владимир Путин.