Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека за Србија е голема работа што и Вашингтон и Брисел, иако ги знаат „црвените линии“ на Србија, пристапот на Белград кон дијалогот со Приштина го оценуваат како конструктивен и одговорен и повтори дека формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО) е „предуслов на сите предуслови“.
Дачиќ, кој беше во Вашингтон, каде што беше гостин на молитвениот појадок и се сретна со американски претставници во Стејт департментот и Конгресот, во интервју за „Гласот на Америка“ нагласи две црвени линии на Белград – прашањето за признавање на Косово, односно прашањето за членство во ОН и, како што рече, „предусловот на сите предуслови“ – прво да се формира ЗСО.
„Тоа е нешто за кое навистина не треба повторно да разговараме или да преговараме, бидејќи тоа е нешто за што веројатно се договоривме кога го потпишавме тој договор пред 10 години“, рече Дачиќ.