Американската војска трага по остатоците од кинескиот балон кој беше соборен

од Stefanija Kuzmanovska
146 прегледи

Американската војска потврди дека трага по остатоците од кинескиот балон за надзор кој беше соборен над територијалните води на САД во Атлантикот, во близина на брегот на Јужна Каролина.

Официјален Пекинг го повика Вашингтон дополнително да не ја ескалира ситуацијата и да не презема активности кои им штетат на кинеските интереси, повторувајќи дека се работи за цивилен воздушен балон кој случајно залутал во воздушниот простор на САД, пренесува „Ројтерс“.

Инцидентот дополнително ги заостри веќе затегнатите односи меѓу двете земји и го натера Вашингтон да ја откаже планираната посета на државниот секретар Ентони Блинкен на Пекинг.

Американската морнарица со вклученост на американската крајбрежна стража трага по остатоците од кинескиот балон, изјави американскиот генерал Глен Ван Херк, командант на Северната команда на САД.

Според него, потрагата по балонот се спроведува за да се утврди какви шпионски активности вршела Кина, иако некои американски официјални лица тврдат дека балонот не ја загрозил националната безбедност на САД.

Кина испрати официјален протест до САД поради уништувањето на кинескиот балон во воздушниот простор над Атлантикот во близина на брегот на Јужна Каролина, соопшти денеска кинеското министерство за надворешни работи, јави „Танјуг“.

„На 5 февруари, кинескиот заменик министер за надворешни работи Ксие Фенг упати сериозна опомена до службеник на американската амбасада во Пекинг за неселективна употреба на оружје за американскиот напад врз цивилен кинески балон“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на дипломатската агенција, пренесува Тасс.

Во изјавата тој предупредува дека кинеските власти „внимателно ја следат ситуацијата“ и најавува дека Кина решително ќе ги брани своите законски права и интересите на националните компании.

„Со ваквите акции, САД им зададоа сериозен удар на напорите насочени кон стабилизирање на кинеско-американските односи, по минатогодишниот состанок на лидерите на двете земји на Бали“, се вели во соопштението и се посочува дека Пекинг „го задржува правото да ги преземе сите неопходни контрамерки“.

Слични содржини