Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус денеска пристигна во сирискиот град Алепо, кој беше погоден од земјотрес, јавија светските новинарски агенции.
Тедрос „пристигна на аеродромот во Алепо за да ги посети болниците и засолништата во тој град со министерот за здравство на Сирија и гувернерот на Алепо“, соопшти сириската агенција Сана, пренесува Гардијан.
Тој изрази загриженост за последиците од земјотресот, особено за прекинот на здравствените услуги.
„Пристигнав во Алепо со дополнителни здравствени средства за да им се помогне на луѓето низ целата земја. Срцето ми е скршено кога гледам со какви услови се соочуваат преживеаните – студено време и екстремно ограничен пристап до засолниште, храна, вода, топлина и медицинска нега.
Луѓето се изложени на разни болести, како што се дијареја и други здравствени проблеми“, соопшти Тедрос, додавајќи дека СЗО ќе помогне да се елиминираат последиците од земјотресот.
СЗО денеска испорача и 37 тони итна медицинска помош во Сирија, а Тедрос утре најави нова испорака од 30 тони опрема неопходна за лекување.