„Смрзнале, не јаделе неколку дена“: Објавени детали за „камионот на смртта“ во Бугарија

од Stefanija Kuzmanovska
258 прегледи

Бугарската полиција уапси четири лица откако во напуштен камион во близина на Софија пронашла тела на 18 мигранти од Авганистан, меѓу кои и едно дете, соопштија властите.

Бугарското МВР соопшти дека камионот превезувал дрва и скриени илегални мигранти.

Камионот наводно бил пронајден во близина на селото Локорско.

Шефот на бугарската национална истражна служба, Борислав Сарафов, за новинарите изјави дека некои од мигрантите се задушиле.

Според него, мигрантите илегално ја преминале границата со соседна Турција и два дена се криеле во шумата пред да влезат во камион во близина на градот Јамбол во југоисточна Бугарија.

Бугарскиот министер за здравство Асен Меџидиев изјави дека 34 мигранти, меѓу кои пет деца, се итно пренесени во болниците во Софија. Некои од мигрантите, како што рече, се во критична, но стабилна состојба. Тој додава дека во камионот немало доволно кислород.

„Смрзнале, беа мокри, не јаделе неколку дена“, рече Меџидиев.

Едно од четирите приведени лица веќе е осудено за трговија со луѓе, изјави Атанас Илков, висок полициски функционер.

Тој рече дека обвиненијата ќе бидат поднесени кога ќе има доволно докази.

Бугарија, потсетува „Ројтерс“, се наоѓа на рутата што ја користат мигрантите од Блискиот Исток и Авганистан за влез во Европската унија.

Мнозинството не остануваат во земјата, туку се обидуваат да се преселат во побогатите земји во Западна Европа, често со помош на разработена мрежа на шверцери, наведува агенцијата.

Слични содржини