Денес, изминува точно една година од почетокот на бруталната руска воена агресија врз Украина, која го втурна украински народ во невидени страдања, загуба на човечки животи и ужасна деструкција. А, сите нас останатите не соочи со фактот дека во Европа повторно се води крвав конфликт кој предизвикува хуманитарна, економска, енергетска и безбедносна криза. Станува збор за трагедија која влезе во нашите домови и во нашите мисли и пред која немаме право да останеме без зборови, рече претседателот Стево Пендаровски, на конференција „Украина – година на хероизмот“, на невладината организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ – Центар за слобода и Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија.
„Паметам дека во февруари минатата година, во предвечерието на агресијата, на Минхенска безбедносна конференција, најоптимистичките прогнози беа дека во случај на напад, Украина нема да може да издржи повеќе од две недели. Но, Украина издржа, решена по секоја цена да ја сочува својата независност. Украина, која изминатите месеци ја плати борбата за демократија со илјадици човечки животи, покажа дека дефинитивниот избор на секој народ се демократијата и слободата, а не тиранијата и насилството“, рече тој.
Претседателот истакна дека ниту една агресија не може да биде оправдана, независно дали ги следите академските дефиниции или реалниот живот. Не постои никаков сомнеж дека рускиот напад врз Украина претставува директно кршење на меѓународниот поредок и системот на безбедносна архитектура кој требаше да овозможи траен мир, стабилност и просперитет во Европа по завршувањето на Студената војна. Русија ги прекрши сите меѓународни правни акти во тој контекст и во текот на изминатата година, нејзините војници извршија грозоморни злосторства врз многубројни украински цивили, акти несвојствени за една цивилизирана држава.
„Сликите и сведоштвата од Буча, Ирпињ, Мариупол, Херсон, Харков и другите украински градови и села говорат за отсуство на базичното чувство за хуманост на руската воена машинерија, но, сведочат и за тоа до што може да доведе една анахрона и автократска политика кога за архитектите на оваа војна ниту илјадниците мртви на нивна страна не се доволна причина за запирање на спиралата на безумие. На страната на демократскиот дел од светот не смее да има никакво двоумење дека сите злосторства треба да бидат детално истражени, а виновниците соочени со правдата.
Сцените кои секој ден ги гледаме пред нашите очи од украинските градови и села говорат за храброста и нескршливиот дух на украинскиот народ, што е најсилна потврда дека оружјето на агресорот не е посилно од вербата во слободата и љубовта кон татковината. Жртвата која денес ја прави украинскиот народ е порака за сите оние кои сеуште калкулираат и анализираат за тоа како треба да заврши оваа војна. За секое морално човечко суштество единствениот праведен исход треба да биде ослободување на целата територија на Украина“, рече Пендаровски.
Целиот текст можете да го прочитате на следниот линк.