ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини за скандал во дипломатијата. Според партијата, новоименуваниот амбасадор во Вашингтон, Зоран Попов си изнајмил резиденција за преку 6.000$ месечно во ексклузивен дел на Вашингтон, Бетезда, иако во склоп на амбасадата има резиденција за амбасадор каде што живееја сите амбасадори до сега.
-Попов не сакал да живее во резиденцијата, затоа што не му се допаѓало, па си избрал луксузно сместување. На оваа сума има плус режиски трошоци од 1.000$ кои доколку живее во резиденцијата во наша сопственост нема да ги има или ќе бидат минимални. Платата му е 5.000$, а си земал стан од преку 6.000$, велат од најголемата опозициска партија.
Од „Белата палата“ побараа МНР треба да ја испита ситуацијата и да побара одговорност од Попов, бидејќи, како што тврдат, недозволиво е некој непотребно да троши народни пари во Вашингтон во вакви кризни времиња.
Попов претходно беше државен секретар во Министерството за надворешни работи.