Поради потребата од докомплетирање на правниот тим на одбраната се одложи денешното рочиште против д-р Жан Митрев и неговата приватна клиника. Митрев беше присутен во судот.
-Се што очекуваме е фер судење, а заедно со адвокатскиот тим ќе ја докажеме вистината. Верувам во институциите на државата и ќе ја докажам вистината, изјавил д-р Митрев, информираат од неговиот тим.
Жан Митрев беше на распит во обвинителството во август лани, по што надлежниот јавен обвинител Гаврил Бубевски нареди истрага против него.
-Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД 19 со методот на хемофилтрација, соопштија тогаш од ОЈО.
Обвинителството го поднесе обвинението по истрагата иницирана со истражна сторија на ИРЛ за неетичка употреба на методот на хемофилтрација, кој е инвазивен метод за прочистување на крвта во лекувањето на пациенти со коронавирус.
Семејствата на осумте починати, меѓу кои и семејства од Приштина, поднеле кривична пријава против приватната кардиохируршка болница „Жан Митрев“, Кон обвинението се приклучиле 283 пациенти кои се чувствуваат повредени во овој случај.
Митрев може да биде осуден на затворска казна од една до 10 години за кривичното дело „измама“ за кое се товари.