Граѓаните и понатаму немаат доволно доверба во правосудството. Половина од анкетираните сметаат дека меѓународната заедница треба да биде вклучена во процесот на избор на судии и обвинители, покажува последното истражување на јавното мислење кое за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Процентот изнесува 47,8 отсто од граѓаните Резултатите од анкетата и покажуваат дека 50,9 проценти се на ставот дека во одредени судски процеси од висок профил треба да бидат вклучени и обвинители од странство. Граѓаните во мнозинство бараат странски експерти и во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), така што 53,2 проценти сметаат дека со цел да се зајакне нејзиното влијание странски експерти треба да бидат вклучени во Антикорупциската комисија.
Дел од експертската јавноста потенцира дека ваквите бројки го потврдуваат нискиот степен на доверба во правосудството. Професорот по кривично право, Гордан Калајаџиев во разговор за „Локално“ потврдува дека резултатите од ова истражување се очигледно резултат за ниската доверба во системот.
-Ваквиот резултат по мое убедување не е реален и е производ на случаи експонирани во медиумите. Судските постапки се транспарентни и коректибилни, а се водат по строги процедури. Не мислам притоа дека треба да сме задоволни. Но странци би биле само привремено решение, ако воопшто бидат решение, посочува Кајалџиев.
Професорот смета дека Академијата за судии и обвинители не треба да има пресудна улога во изборот и именувањето, како што е случај сега.
-Треба да се посвети внимание Академијата да се стабилизира. Таа се’ уште работи како пилот проект, од денес за утре, порачува Калајџиев.
Во однос на ДКСК, професорот вели дека таа игра ограничена улога.
-Според мене, треба да се зајакне и осамостои Јавното обвинителство. Засега тоа е заробена институција! Без тоа нема правна држава, истакна Калајџиев во разговорот.
Поранешниот обвинител, а денес адвокат Војо Димоски за „Локално“ анализира дека погледано компаративно, од земјите во регионов таков вид на директно инкорпорирање на луѓе од надвор во националните правосудни системи има во земји во кои во деведесеттите години беснееја војни.
-Такви примери се Босна и Херцеговина и Косово. Ние бевме поинаков пример или барем требаше да бидеме. Инаку самите бројки се безмилосни и се показател на разочараноста на граѓаните како и безизлезноста на состојбата, укажува Димоски.
На прашањето што би значело за државата доколку странци ни ги избираат судиите и обвинителите, Димоски е дециден дека тоа е откажување од суверенитетот.
-Тоа школски кажано би значело директно откажување од дел на нашиот суверенитет и предавање на истиот во раце на странци. Тоа е состојба до која вообичаено доаѓа во вонредни околности на пример после окупација, вели адвокатот.
Според него, првите чекори на овој состав на Антикорупциската комисија наметнаа високи очекувања од нив.
-Од оваа дистанца од неколку години во нивното работење заклучокот е дека не ги оправдаа очекувањата. Разочарувањето се мултиплицира кога претседателката на комисијата ќе каже дека утврдиле неправилности, но не постоел начин да се постапи против нив (примерот со синот на спикерот Џафери) – нешто што неспорно не е точно. Никој не ја спречуваше комисијата да направи проверка на имотот на правосудните функционери до сега. Борбата против корупцијата е многу повеќе од шетање по семинари за антикорупција, ни рече Димоски.
Н.П.