Регионална конференција на високо ниво „Преку дигитализација кон нова генерација на регионална соработка“

од Vladimir Zorba
232 прегледи

Новиот едношалтерски систем ќе овозможи пoeдноставена и целосно дигитална размена на податоци помеѓу бизнис заедницата и царините на регионално и глобално ниво, како основа за функционирањето на единствен пазар. Истовремено дигиталната размена на податоци и заедничката проценка на ризик ќе придонесе за понатамошно забрзување на трговијата и транспортот во Западен Балкан. Притоа размената на искуства и регионалната интеграција се од големо значење за примена на стандарди во дигитализацијата на царинските постапки.

Ова се суштинските заклучоци од денешниот настан на високо ниво „Преку дигитализација кон нова генерација на регионална соработка” во организација на Царинската управа и Светска банка, а на кој воведни обраќања имаа генералниот секретар на Светската царинска организација Кунио Микурија, министерот за финансии Фатмир Бесими, вицепремиерот Фатмир Битиќи, директорката на Царинската управа, Славица Кутиров и директорот на Светска банка во земјава, Масимилијано Паолучи. На настанот присуствуваа и генералните директори на царините на земјите од Западен Балкан и Бугарија, претставници на ИФЦ, Делегацијата на ЕУ во Скопје, како и од Меѓународната транспортна заедница, ЦЕФТА и ГИЗ, кои ги споделија своите искуства во делот на дигитализацијата и регионалната соработка.
„Новиот национален едношалтерски систем – NSW треба да овозможи интеграција со постоечката ИКТ платформа за безхартиено царинење во увозно – извозните постапки, овозможувајќи нови пософистицирани сервиси за електронско издавање на дозволите за увоз, извоз и транзит, нови централизирани сервиси за заедничка проценка на ризиците на царината и другите институции, централна електронска регистрација на економските оператори и е-плаќање на давачките. Дел од системот е и развој на нов податочен склад, како основа за ефикасна анализа на ризиците, меѓусебна размена со надлежните институции, а се со цел поефикасни контроли и намалување на сивата економија”, истакна директорката на Царинската управа, Славица Кутиров.

Генералниот секретар на СЦО, Кунио Микурија истакна дека имплементацијата на новиот национален едношалтерски систем е од голема важност и оти за неговото спроведување е потребна голема политичка поддршка и посветеност.

„NSW е витална компонента во екосистемот на дигиталната трговија којшто обезбедува услуги со едно застанување на економските оператори при поднесување на информации и документи до владините институции коишто се вклучени во прекуграничната трговија. Ова придонесува кон спроведување и поедноставување на процедурите, притоа намалувајќи го времето и трошоците, подобрување на транспарентноста и предвидливоста. Дополнително овој систем поддржува ефективно управување со ризик, притоа обезбедувајќи усогласеност во царинските постапки и безбедноста на границите”, вели Микурија.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими нагласи дека современиот, динамичен начин на живот бара постојани промени во извршување на услугите кон граѓаните и бизнисот.

„Дигитализацијата, примената на најсовремените технолошки решенија при царинење и тесната соработка на регионално ниво во оваа област се клучни фактори при давањето соодветен одговор на растечките потреби и барања на нашите компании и граѓани. Царинските служби во такво динамично опстојување се соочуваат со потребата постојано да го унапредуваат своето работење, со цел да бидат препознаени како партнери што ги подржуваат и граѓаните и компаниите. За да се обезбеди сигурна и брза размена на стоки, услуги и капитал потребно е високо ниво на професионалност и транспарентност во соработката со сите учесници во современата трговија”, рече министерот Бесими.

Вицепремиерот Битиќи, осврнувајќи се на значењето на проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан вели дека зајакнувањето на преку-граничното движење на стоките е исклучително важно во постигнувањето на зацртаните цели во насока на олеснување на секојдневниот живот на нашите компании и на нашите граѓани.

„Преку целосна имплементација на оваа компонента, ние ќе можеме да ја поедноставиме постапката за преминување на границата, минимизирајќи го времето поминато на чекање на границите и значително ќе го намалиме бројот на документи потребни за обработка и администрирање на царинските услуги”, потенцира Битиќи.

Директорот на канцеларијата на СБ во земјава, Масимилијано Паолучи потенцира дека понатамошното олеснување на трговијата и намалувањето на времето на чекање на границите генерира добивка помеѓу 0,5 и 1,4 отсто во приходите за сите земји од Западен Балкан, а најголема придобивка имаат Црна Гора и РС Македонија.

„Во тесно партнерство со Владите, Групацијата Светска банка дизајнираше иновативна и долгорочна програма која ги поврзува секторските студии, техничката помош и инвестициите во транспортот, управувањето со границите, трговската политика и олеснувањето со целите за забрзувањето на движењето на стоки и услуги во Западен Балкан, подобрување на транспортната ефикасност и предвидливост, како и подобрување на пристапот кон меѓународниот пазар и инвестициите”, истакна Паолучи.

Придобивките од дигитализацијата и олеснувањето на трговијата, таргетираат над 11.000 домашни компании, активни учесници во увозно-извозните царински постапки. Притоа во оваа насока преземени се значајни реформи во Царината, со што се создадени услови за имплементација на новиот национален едношалтерски систем согласно неодамна усвоените стандарди на ЕУ.

Слични содржини