Според премиерот Димитар Ковачевски, „ВМРО-ДПМНЕ единствено што прави во изминатиот период е што се крие зад народот“.
-Едно зборуваат во амбасади, друго зборуваат пред граѓаните, одговори Ковачевски запрашан за очекувањето за уставните измени.
Тој додаде дека „со исклучок на осум пратеници, ВМРО-ДПМНЕ беше против зачленувањето на Македонија во НАТО“.
-Истата партија денес е против продолжување на патот за зачленување во Европската Унија. И што прават – одат по амбасади и викаат: „Дајте ни власт, потоа ќе ни дадете период да се аклиматизираме и потоа ќе го менуваме Уставот“. Тоа го зборуваат по амбасади, може тоа да го демантираат. Кого лажат е прашањето? Дали ги лажат граѓаните дека нема да гласаат за промена на Уставот или ги лажат странските амбасади дека ќе го променат Уставот. Тоа треба да излезат и да го кажат, кажа Ковачевски.
На тоа му возвратија од најголемата опозициска партија преку соопштение.
-За приказните на Ковачевски дека едно се зборело пред јавноста, а друго пред амбасадорите добро е Ковачевски пред да растура пердуви, да каже кои се тие амбасадори и тие да кажат мислење и свој став за ова лажно тврдење на Ковачевски. Втора работа цела година Димитар Ковачевски кажува дека има мнозинство не знаеме зошто и сега дефокусира со ВМРО-ДПМНЕ и му се потребни, ако е уверен дека има пратеници, нека одат во собрание да проверат дали е така, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата се децидни дека нема да учествуваат во работната група за уставни измени бидејќи не даваат кредибилитет на некредибилен процес.
-Нашиот став за уставни измени е непроменет и ова собраниски состав нема легитимитет за тоа. Доколку дојде до предметна дебата во Собрание ние ќе ги кажеме аргументите против насилно носење на уставни измени под бугарски диктат, велат од „Белата палата“.