Министерството за правда е подготвено да испрати нов допис до Унгарија за екстрадиција на поранешниот премиер, а сега бегалец Никола Груевски. Ова синоќа го најави новиот министер Кренар Лога. Тој истакна дека во образложението за екстрадиција дал сугестија да пишува дека треба казната да ја одлежува во хашките ќелии кои тој ги изградил и кои ги исполнуваат условите, бидејќи добил азил со образложение дека Северна Македонија нема добри услови во затворите за таа категорија осуденици. „Локално“ побара мислење од неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ што мислат за ваквата најава, но од таму ни изјавија дека немаат реакција на предлогот на Лога.
Дел од јавноста смета дека залудни се барањата за враќање на поранешниот премиер во земјава. Според поранешниот министер и активист Ѓунер Исмаил, „Министерството за правда може да пишува колку сака писма, но оваа владеачка гарнитура во Унгарија нема да го испорача Груевски“. Тој во разговор за „Локално“ порачува дека тоа не се само внатрешни унгарски причини и прилики.
-Малку е поширока приказната околу неговото „држење“ во Унгарија. Тоа не значи дека тој седи цело време во Будимпешта бидејќи затоа што допираат секакви полуинформации дека се расшетува низ светот. Под чие покровителство, под чија заштита, со чие финансирање, не можам да знам, но „чаршијата“ и за тој тип на негови туризми зборува, вели Исмаил.
Поранешниот министер сепак не гледа некаква специфичност во случајот со новото барање за екстрадиција на Груевски, освен доколку Министерството за правда пропуштало да испраќа такви дописи до Унгарија.
-Не го следам многу случајот. За мене Груевски е завршена работа. Тој е граѓанин на земјава кој што се огрешил според нашите закони и добил правосилна пресуда од нашите судови и ќе си оди во затвор. Земјата би добила само уште еден чекор во реализација на законите. Политички што точно Груевски би бил после издржување на казната, навистина не би можел да навлегувам во такви претпоставки. Оваа земја е позната по кратко паметење и можно се секакви исходи во неговиот пост-затворски период во Македонија и што ќе прави, ни рече Исмаил.
Сличен став има и политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски. За „Локално“ вели дека ваквата најава од ресорот Правда е „како пукање на ќор фишек“.
-Но, веројатно новиот министер сака да покаже дека во тој домен ќе работи, односно дека и понатаму министерството за правда не се откажува од враќање на,, бегалецот од Будимпешта “, пред македонските органи, за да ја издржи затворската казна. Сепак, со 99% сигурност, се знае како ќе заврши тоа барање за екстрадиција :одбивање од унгарските власти, оценува Атанасоски.
На прашањето што би донело евентуално враќање на Груевски во земјава и негово затворање, соговорникот вели задоволување на правдата во најмала рака, односно задоволство кај правдољубивите, особено сите непартиски граѓани кои се вклучија активно во „Шарената револуција“, верувајќи дека корумпираните криминалци и злосторници ќе ги стигне казната.
-По логиката на нештата, враќањето на Груевски пред судските органи би му донело повеќе на СДСМ, бидејки гневот на граѓаните кои сакаа да го видат Груевски во затвор е кон врхушката на СДСМ на која и избега од правдата, дури многумина се сомневаат дека во договор со власта се случило неговото,, бегство”. Но, голема можност е тоа да му одговара на Мицкоски, бидејки гласините се дека Груевски сака да има или се уште има сериозна контрола врз партијата, нејзините кадровски решенија и внатрешните процеси, анализира Атанасоски.
За тоа дали очекува при евентуално доаѓање на ВМРО-ДПМНЕ на власт да му се простат гревовите на Груевски, аналитичарот објаснува дека во оваа и ваква држава, никогаш не треба да велите никогаш, но тоа би било дополнителна катастрофа за македонското правосудство.
-Особено доколку ги почнеме преговорите со Европската унија, нема да смее повеќе политиката да ја диктира третата судска власт, која денеска само на хартија е независна. Но ќе видиме во иднина како ќе се одвиваат сите овие процеси, објаснува Атанасоски.
Н.П.