Крајно сум разочаран и огорчен што некој се обидува да пласира невистини поврзани лично со мене и работата на општината. Ако новинарите ги интересирало вистината, ако не знаеле можеле да ги прашаат своите колеги кои работат на економски прашања да им појаснат дека платата на градоначалникот е утврдена со овој Закон за исплата на плата на функционери и именувани лица и знаат како таа се пресметува. Основицата е законски утврдена, а коефициентот со кој се множи основицата, се пресметува според бројот на жители, порача градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски откако денеска еден медиум објави дека „побарал да му се зголеми платата на над 90.000 денари месечно“.
Тој приложи документи до јавноста, според кои како што тврди, не се работи за какво било зголемување на неговата плата.
-Досега лично јас имам потрошено нула денари од општината за лични потреби. Ниту имам намера да трошам средства за репрезентативни цели, не користам службени возила, а со тоа ниту имам потреба од службено гориво. Не сум потрошил ниту денар за службени ручеци со пари од граѓаните, како што беше тоа случај во минатото со други градоначалници, напиша меѓу другото Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека ќе поднесе тужба против медиумот доколку не го повлече текстот и не се извини.