Во Собранието попладнево на 106-тата седница не беше прифатено по скратена постапка да се донесе Предлог-закон за амнестија на лицата осудени за настаните во Собранието на 27 април 2017, поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на иницијатива на адвокатите Јанаки Митревски и Драган Пешевски.
Пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ во образложението ги повика колегите пратеници да се одважат и да покажат простување и помирување, како што рече, да излезат од длабоките ровови на омраза, реваншизам и мизантропија, да покажат човечност и да не гледаат од која страна доаѓа предлогот.
За осудата на лицата за настаните од 27 април, кои се шест години во затвор, рече дека е најголема македонска неправда во поновата историја.
Со 27-ми, рече Стојаноска, се отиде предалеку, неправедно се обвинети и неправедно осудени. Според неа, за овој предлог е потребен консензус и ова е начин „да се исправи огромна неправда нанесена кон осудените на драконски казни затвор, како и исчекор кон вистинско помирување во општеството и враќање на довербата во правосудство која во изминатата година се сведе на четири отсто“.
Се работи за лица кои шеста година се во затвор за дело, како што рече пратеничката, што не го сториле, а 16 од нив или повеќе од половината лежат обвинети како терористи.
– За мене и мојата пратеничка група тие се уставобранители…Не знаеја тие дека некој стои зад ова и кој контролирал многу повеќе, многу порано и многу подоцна. Не знаеја ама не им дозволија ни македонските судови тоа да го докажат. Ги вметна Заев во еден политички монтиран случај кој заврши како на брза лента и заврши со нивна затворска казна од преку два века. Судските постапки што следуваа беа компромитирани, пред се, од политичарите…Произлегоа најразлични правни односно политички квалификации кои целосно ги контаминираа судските процеси…прогласувајќи ги осудените за државни непријатели и терористи при што не се виде ниту еден доказ за објективно докажани намери за непријателска дејност против државата, рече Стојаноска.