Ќе има експертска работна група што ќе драфтира текст за уставните амандмани, таму ќе има експерти и претставници на политичките партии, па тоа нека биде прв чекор за дијалог со опозицијата, порача потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во гостувањето во Канал 5 телевизија.
-Меѓународната заедница повтори дека план Б немаме туку само реализација на план А, друга шанса за ЕУ-перспективата немаме, овде не станува збор само за уставните измени, туку и за други реформски процеси што се за добро на државата, како онаа во администрацијата, обвинителскиот систем и друго, што ќе ни овозможат перспективност на државата, рече Лукаревска.
Таа повтори дека има два концепти – еден за ЕУ и друг за враќање назад.
-Сите оние коишто длабоко во себе и сакаат добро на државата треба да застанат на патот за ЕУ. Суштината и реалноста е таа. Борел зборуваше за европерспективата, тие ни се ветер во грб. Фон дер Лајен повтори дека местото на Западен Балкан е во ЕУ. Ако сами сакаме да си ја сечеме гранката на која седиме не знам што воопшто да помислам, рече Лукаревска, повторувајќи блокадата е дамнешен систем кој веќе не се употребува.