Претседателот на Чешка, Петр Павел, во интервју за германските медиуми предупреди дека, иако е издаден налог за апсење против претседателот на Русија, Владимир Путин, неопходен е некаков вид на комуникација и дека е подобро германскиот канцелар Олаф Шолц да разговара со него, отколку да изгради „ѕид“, зад кој не се знае што се случува.
„Комуникацијата е неопходна до одреден степен. Тоа е подобро отколку да се изгради ѕид и само да се замислува што се случува зад него“, изјави чешкиот претседател во интервјуто што денеска го објави германскиот весник „Зидојче цајтунг“.
Павел смета дека е логично Германија и Франција да се обидат да ја решат војната во Украина со дипломатски средства и дека нивната помош полека доаѓала во Киев бидејќи, како што истакна, колку некој е подалеку од Русија, толку помалку ја сфаќа опасноста.
„Исто како и другите, сакам Украина да победи, за да се ослободат сите окупирани региони, Русија да плати репарации и воените злосторници да бидат изведени пред лицето на правдата. Но, треба да го поставиме прашањето дали е тоа реално?“, рече Павел.
Според чешкиот претседател, кој е пензиониран генерал и поранешен шеф на Воениот комитет на НАТО, влезот на Украина во алијансата нема да биде лесно прифатен дури и кога војната ќе заврши, бидејќи членките на НАТО може да ја сметаат Украина како товар, и посочи дека вистинскиот пат за Киев е брзо приближување кон Европската Унија.
„Оваа година ќе биде одлучувачка за развојот на војната. Една од причините е што следната година ќе има претседателски избори во САД, кога интересот на американските гласачи ќе се сврти кон внатрешно-политичките прашања, а во надворешната политика најголем простор ѝ се дава на Кина“, го повтори Павел предупредувањето за кое зборуваше во различни интервјуа, дека Украина за одлучувачка офанзива има „само една шанса и тоа оваа година“.