Наши граѓани сакаат да работат во ЕУ, но тука дома, а не во туѓина. Затоа одлуките за зачленување во ЕУ, треба да бидат обврска на секоја политичка партија која што е за зачленување во ЕУ. Не постои декларативна поддршка без реална поддршка, порача премиерот Димитар Ковачевски запрашан за уставните измени и внесување на бугарското малцинство во Преамбулата.
Тој посочува дека „кај опозицијата има само декларативна поддршка“.
-Сетете се на зачленувањето во НАТО. Не поддржаа ниту една одлука за зачленување во ЕУ. Најдобар пример е гласањето на Договорот Фронтекс. Ни тоа не влегоа да го гласаат и да го ратификуваат во Собранието. Сепак, верувам дека во нашата опозиција има пратеници и структури кои сакаат да ја видат државата во ЕУ. Таму треба и јасно да се постави прашање: кој каков став има? Се повеќе гледам дека еден став има актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а друг став бившиот претседател на партијата, рече Ковачевски како одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата, на која беше претставена новата кредитна линија за дигитализација на компаниите.