Бројот на жртвите од торнадото на американскиот југ се искачи на 26, десетици луѓе се повредени

од Vladimir Zorba
130 прегледи

Агенцијата за вонредни ситуации на американската сојузна држава Мисисипи денеска соопшти дека најмалку 25 лица загинале во торнадото во таа американска држава, десетици се повредени, додека еден маж загинал во Алабама, јавува Си-Ен-Ен.

Гувернерот на Мисисипи, Тејт Ривс бара од американскиот претседател Џозеф Бајден брзо да прогласи состојба на катастрофа.

Откако ќе биде прогласена состојба на катастрофа, федералната влада би можела да насочи дополнителни средства во погодената област кога федералните ресурси веќе не се доволни.

Силно торнадо синоќа ги погоди руралните области на американската сојузна држава Мисисипи и предизвика уништување по неговиот пат од околу 100 милји, соопштија федералните и локалните власти.

Торнадото уништи многу згради и ја онеспособи мрежата за дистрибуција на електрична енергија, се вели во извештајот на Националната метеоролошка служба, пренесе АП.

Бурното време донесе и град со големина на голф топчиња во неколку сојузни држави во јужниот дел на САД, поради што властите издадоа предупредување за „опасност за човечкиот живот“.

Националната метеоролошка служба потврди дека торнадото предизвикало значителна материјална штета во област на 96 километри североисточно од Џексон, Мисисипи.

Градовите Силвер Сити и Ролинг Форк претрпеа штета од торнадото, кое продолжи да се движи североисточно со 70 милји на час без да ослабне, кон Алабама во правец на Вајона и Амори.

Слични содржини