ДУИ со честитка: Да се биде дел од НАТО е најважна стратешка определба на граѓаните од независноста

од Nikola Popovski
102 прегледи

На тригодишнината од нашето членство можеме да констатираме дека Република Северна Македонија се покажа како рамноправен партнер на сојузниците во Алијансата, остварувајќи значаен придонес како во регионалната така и во европската безбедност, стои во честитката од ДУИ по повод три години членство во НАТО.

Според партијата, да се биде дел од Алијансата е остварување на најважната стратешка определба на граѓаните од самото осамостојување на земјата.

-Со своето политичко делување, Демократската унија за интеграција ќе продолжи активно да биде гарант за внатрешната стабилност на земјата, придонесувајќи со тоа и за остварување и на втората стратешка цел – членството на Република Северна Македонија во Европската Унија, велат од партијата од Мала Речица.

НАТО Деновите во Северна Македонија почнаа денеска со „НАТО појадок“ и ќе траат до 4 април, кога се одбележува 74-годишнината од основањето на Алијансата.

На 1 август, 2018 година, генералниот секретар на НАТО упати писмо до министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија заедно со План за спроведување на процесот на пристапување во НАТО, а во октомври истата година, на состанок во Брисел формално беа завршени пристапните разговори. На 6 февруари 2019 г., постојаните претставници на 29-те земји членки на Алијансата во седиштето на НАТО го потпишаа пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија.

По овој настан, започна и следната фаза во која следуваше ратификација на Пристапниот протокол во националните парламенти и институции на земјите-членки на Алијансата, а беше ратификуван и во нашето Собрание.

На официјализирањето на полноправното членство што се случи на денешен ден пред две години, му претходеше потпишување на Инструментот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО од страна на претседателот Стево Пендаровски на 20 март 2020.