Првиот човек во ресорот одбрана, Славјанка Петровска со документ ги демантираше обвинувањата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки и најави судска разрешница за пласираните невистини за уапсени македонски воени припадници во Косово.
-Причината за вашиот бес и немоќ да се справите со тужбата е тоа што всушност ве натера да излезете на оваа говорница и тоа да го читате. Најновата ваша лага, дека припадници на военото разузнавање биле уапсени во Косово. Почитувана јавност, ќе погледнам горе, како што овој пратеник милува да гледа, ова е официјален допис од косовските авторитети, кои тврдат дека таков настан со македонски припадници на воено разузнавање немало. Немало! Еве го дописот. И за ова ќе се видиме на суд и ќе го прочитате, ќе го разгледате, ќе видите што ви е јасно, а што не ви е јасно, рече Петровска од собраниската говорница.
Таа додаде дека пратеникот Ковачки единствено се служи со дезинформации и ширење лаги.
-Почитуван пратеник, очекував од вас дека ќе зборувате за тоа што се случува во Армијата. Очекував дека ќе сакате да дознаете кои се плановите на Армијата и на Министерството за одбрана. Во изминатиот период покажавте дека единственото нешто кое ве интересира е сеење дезинформации и ширење лаги. На лагите одговарам со вистина и ништо повеќе. Јас стојам денеска исправена и одговарам за својата работа, а за тоа што вие ќе одговарате, набрзо ќе знае јавноста, рече Петровска.
Претходно Ковачки прочита детален извештај од психијатриско вештачење за министерката за одбрана, според кој таа мисловно и емоционално не се чувствувала добро.
-Според специјалистот-психијатар, во психичкиот статус на Министерот која сама доброволно се јавила и доброволно ги вршела психијатриските прегледи се констатира дека има оптеретен мисловен процес. Покрај оваа состојба на намалени когнитивни функции, на министерката и е препишана и седативна терапија, односно три месеци е под седативи, изјави Ковачки и додаде:
-Прашањето до премиерот дали мислите дека има потреба за итно разрешување на Министерот за одбрана која е со наведените манифестации на психичката состојба за која има писмен документ од психијатар? Дали ќе ја разрешите, праша пратеникот.