Премиерот Димитар Ковачевски во синоќешното интервју за РТВ Словенија зборуваше повеќе за тешките одлуки што ги презеде нашата земја на евроинтеграцискиот пат.
-Ние досега сме донеле голем број на тешки одлуки, почнувајќи од 2001 година со Охридскиот рамковен договор, потоа со Преспанскиот договор, со договорот со Грција, како и со прифаќањето на преговарачката рамка и на Договорот за добрососедство со Бугарија. Можам да кажам дека после сите тие договори, Северна Македонија секогаш излегувала како победник, рече Ковачевски.
Во врска со можноста за договор со опозицијата, Ковачевски рече дека ќе биде отворен процес на подготовка на уставните амандмани, коишто ќе бидат дел од работата на работна група формирана во Министерството за правда, каде што најголемите експерти во државата од уставно право и претставници на политички партии ќе ги подготват амандманите.
-Ќе има широка расправа меѓу деловната, академската заедница, невладиниот сектор, медиумите, сите граѓани да можат да бидат информирани и потоа низ парламентарна расправа, јас сум убеден дека Северна Македонија ќе има и демократски и визионерски капацитет да ја донесе оваа одлука со којашто ќе продолжиме кон европските интеграции, оцени премиерот.
Претседателот на Владата рече дека е од големо значење поддршката на Северна Македонија во своите аспирации за полноправно членство во ЕУ, од страна на пријателите од НАТО и ЕУ.
-Северна Македонија е држава којашто на својот пат кон европските и евроатланските интеграции мораше да ги донесе веројатно најтешките одлуки во споредба со сите други држави кои се зачлениле и во НАТО и во ЕУ. Тие одлуки навистина можам слободно да кажам дека предизвикуваат мачнина кај најголемиот дел од нашиот народ исто и кај мене. Јас ги делам тие чувства. Меѓутоа од друга страна, ние како држава немаме друга алтернатива. Единствената алтернатива на Северна Македонија и она што е зацртано во стратешките документи на нашата држава е интеграција во НАТО и интеграција во ЕУ, рече Ковачевски.