Три години и еден месец затвор доби сопственикoт на порталот Доказ, Марјан Стаменковски, одлучи денеска Кривичниот суд.
Изречена му е и забрана за вршење на професија и регистрација на портал и домејн во рок од 10 години, ако сака да отвори портал во свое име во Македонија. Со ова, престанува да важи регистрацијата и на сите досега регистрирани домени.
Стаменковски доби и казна од 5.000 евра односно 250 дневни глоби, за злоупотребата на лични податоци.
Пресудата ја изрече судијката Марија Клетничка-Марковска од Основниот кривичен суд Скопје, според која Стаменковски е прогласен виновен за сите пет кривични дела за кои се гонеше.
Стаменковски се товареше дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела: две кривични дела – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – Уцена, едно кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – Злоупотреба на лични податоци.
Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб порталот во негова сопственост. Пријавите беа од две новинарки и еден владика.