Најмалку едно лице загина, а 30 се повредени, од кои повеќето потешко, кога патнички воз со околу 50 луѓе излета од шините во раните утрински часови во Холандија, откако удрил во градежен кран, соопштија властите.
Спасувачките екипи се на местото на несреќата во Вооршотен, село во близина на Хаг. Несреќата се случила пред зори, околу 3 часот и 30 минути, соопштија од итната помош. Предниот вагон на ноќниот воз од Лајден до Хаг излета од шините и заврши во поле, јави новинската агенција АНП, пренесува „Ројтерс“.
Возот се удрил со кранот
Вториот вагон останал на место, додека во задниот вагон избувнал пожар кој подоцна бил изгаснат. Некои патници се тешко повредени, а портпаролот на противпожарната служба за холандското радио изјави дека 19 лица се хоспитализирани, додека на други им била укажана помош на лице место.
Функционерката на холандските железници Карола Белдербос објави дека возот се судрил со кран и дека меѓу повредените се машиновозачот и двајца кондуктери. Во претходните извештаи беше наведено дека патнички воз се судрил со товарен воз.
Портпаролот на холандските железници Ерик Кроз потврди дека во несреќата учествувал товарен воз, но не даде детали. Јероен Виенен од компанијата за одржување на железницата „Прораил“ изјави дека се покренати повеќе истраги, а истрагата освен полицијата ја води и неговата компанија.
„Необична, но и страшна несреќа“
Тој рече дека се работи за многу необична, но и „страшна“ несреќа и дека „Прораил“ ќе истражува зошто и како се случило за да се избегнат вакви несреќи во иднина.
Премиерот Марк Руте и кралското семејство, кралот Вилем-Александар и кралицата Максима изразија сочувство за жртвите.